ПРЕСИНГ: Меч за БЛАГОДАРАМ за Жути

Данска е шанса ракометна Македонија на најубав можен начин (не резултатски) да му каже БЛАГОДАРАМ на Филип Миркуловски, за се што направи за ова мало парче земја, за оваа мала (по површина) ракометна нација, за начинот на кој го играше ракометот, за аманетот кој го остави и патоказ за младите како треба да се настапува кога на себе се носи дресот со националните бои. И Миркуловски не е единствен.

ИЛИ СОЗДАВАМЕ ИГРАЧИ ИЛИ ГО ПРЕЦЕНИВМЕ НИВНИОТ КВАЛИТЕТ ВО МОМЕНТОВ

Поминаа повеќе од 36 часа од натпреварот со репрезентацијата на Црна Гора, тензијата околу „несреќниот“ пораз би требало да го ставиме „ад акта“. Имајќи предвид дека вечерва излегуваме на мегдан со, можеби, најквалитетнтата група на играчи на ова ЕП. Останува впечатокот дека Македонија, и ваква, со одредени проблеми  со повредени играчи, играчи кои не настапија од „тактички“ причини на ова ЕП требаше да ја „добие“ Црна Гора, макар со пола гол разлика. Затоа што тоа трето место и не е така неважно за идните квалификации, но и заради самодовербата и атмосферата во тимот пред третиот натпревар во групата против селекцијата на Данска, која меѓу другото пред 7-8 месеци ја „шокиравме“ во Скопје. Од друга страна, од една ваква мини дистанца, може и со поладна глава да се осврнеме повторно (иако оваа тема е за посериозна анализа по завршувањето на првенството) на моментот, кои се или кои беа амбициите на овој состав играчи, без разлика на квалитетот и моментумот, смета(в)ме ли дека позначајно е Македонија да добие одредени играчи, на соодветни позиции или треба да се добијат Црна Гора, па и Словенија „мило или силом“? Учеството во стартна постава, внесување во игра во клучни моменти, самото селектирање на дел од нив со „прескокнување скали“ во хиерахијата наречена национален тим, не носат до констатација дека на ова ЕП заминавме без амбиции да ја поминеме групата, а уште помалку за нешто поголемо. Во таков случај, чуму користење на џокери како Филип Миркуловски кој со една нога е во тренерскиот занает, со лимитирана минутажа во клубот и сериозни „последици“ по неговото тело од годините играње ракомет на само негов уникатен начин и стил. Или нивното учество на ова ЕП еден голем „лапсус“ на стручниот штаб…

Filip MIRKULOVSKI (13) during the handball match Slovenia vs North Macedonia, Men’s EHF EURO 2022 Hungary, Slovakia, Debrecen ,Hungary, 13.01.2021, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

НАТРЕВАРОТ СО ДАНСКА Е МОЖНОСТ ЗА ГОЛЕМО БЛАГОДАРАМ ЗА ЕДИНСТВЕНИОТ ЖУТИ

Денес македонскиот национален тим го игра третиот натпревар во Дебрецин, Данска е многу добро позната и анализирана. Но Данска е убава можност, кога веќе шансите за наш пласман понатаму не можат да се напишат ниту на хартија, да дадеме можност на неколку играчи да почуствуваат терен на големата сцена, иако да бидеме реални истите тоа го направија на неадекватен начин и услови, а резулататот го знаеме. Тоа е во моментов помалку важно. Данска е шанса ракометна Македонија на најубав можен начин (не резултатски) да му каже БЛАГОДАРАМ на Филип Миркуловски, за се што направи за ова мало парче земја, за оваа мала (по површина) ракометна нација, за начинот на кој го играше ракометот, за аманетот кој го остави и патоказ за младите како треба да се настапува кога на себе се носи дресот со националните бои. И Миркуловски не е единствен. Покрај Лазаров, вечерашниот натпревар треба да биде последен или еден од последните за генерација 87/88, а тоа и дефинитивно значи дека од следните квалификации Македонија ќе се бори за континуитетот учества на големите собири со комплетно нов тим. За тоа ќе биде потребно време, а за тоа во некој друга прилика.

ИСЛАНД СО „СПЕЦИЈАЛНА“ ТАКТИКА ПРОТИВ СТЕИНС И СМИТС

Исланд излезе како победник против Холандија и се пласира во следната фаза на ЕП. Интересно беше да се види „тактиката“ на Гудмудсон со дозволени и недозволени стредства да се ограничат феноменалните Лук Стеинс и Каи Смитс. Исклучително брз ракомет, користење на транзицијата како една од главните алатки за постигнување голови, со технички грешки сведени на минимум. Изненадува техничката подготвеност на холаднските ракометари, имајќи ја предвид нивната традиција во овој спорт. Очигледно, машкиот ракомет во Холандија е решен да тргне по стапките на девојките кои веќе неколку години се во самиот врв. Интересна група во која следното коло домаќинот со сите расположливи средства ќе тргне на победа против најквалтетниот тим во оваа група, Исланд, а Холандија ќе бара премиерен пласман во следна фаза против Португалија која остана без шанса за понатаму по поразот од Унгарија.

СЛОВЕНИЈА СО ШИРОК РОСТЕР ПРОТИВ УМОРНАТА ЦРНА ГОРА

Покрај дуелот на нашите момци, во Дебрецин ќе се „судрат“ Словенија и Црна Гора, натпревар кој ќе ни покаже дали нашата добра партија против словенците е последица на нивниот (не)квалитет или поразот од Црна Гора не е само лош ден, напротив дека Црна Гора има, во моментов, поквалитетен ростер. Натпревар за второ место во групата,  каде што, на хартија, фаворит е Словенија која има сериозна база на играчи за ротација, што во овој турнирски систем и имајќи предвид дека е веќе трет натпревар во четири дена може да се покаже како клучна. Амбициите и мотивираноста во секој случај треба да бидат на страна на Црна Гора, Бранко Вујовиќ, главниот бек шутер на црногорците треба да биде локомотивата во нападот имајќи ја предвид високата и плитка 6-0 на словенците, но за реализација во неговиот случај претходно треба убава подготовка од страна на Анѓелиќ и останатите. Корпулентноста на словенечките пивоти може да преставува сериозна закана за, не така високата, одбрана на момците на Рогановиќ (читај Мрваљевиќ). Може ли Црна Гора до уште еден добар резултат?

СРБИЈА ЌЕ БРКА ВТОРА ФАЗА ПРОТИВ НАЈТЕЖОК ПРОТИВНИК

По поразот од Хрватска, емотивно и по малку физички истрошени, момците на Тони Џерона вечерва ја решаваат својата судбина и бараат пласман со помош на теоријата, бркајќи ги потребните +2 против најтешкиот можен противник Франција. НО, Србија пред само 12 месеци излезе  како победник против оваа селекција која освои се што може да се освои во светот на ракометот. За ралика од тогаш, сега противниците гледаат малку поинаку на „четата“ на Џерона, Франција во никој случај нема да ги потцени. Психолошката подготовка за самиот натпревар и степенот на успешност Џерона да ги „дигне“ српските репрезентативци ќе биде клучно за тоа дали Србија може да се спротистави. За победа ќе треба многу повеќе. Цупара на голот да биде и повеќе од сигурен, релативно неискусните бекови шутери да погодат од дистанца,  а Кукиќ да биде на своето ниво од ова ЕП. Многу коцки да се спојат за да се добие големата Франција, кај која креативноста не е посилна страна, кога физичката подготвеност е доведена до крајни граници и истата максимално се става во служба на резулататот. Хрватска со уште една „тура“ нови играчи кои се приклучуваат на тимот ќе има задача рутински да ја совлада Украина и да го очекува реултатот од дуелот помеѓу Србија и Франција.

Резултатскиот притисок од пласманот на нашите момци на ова ЕП веќе го нема, да уживаме во врвен ракомет!

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете.