ПРЕСИНГ: Една нова Русија

Основна задача на Петковиќ беше да го реформира рускиот национален тим. Кога велам реформира, не мислам на кадровски промени, туку на промени во самиот однос на играчите во националниот тим.

Едно од пријатните изненадувања на ова СП, сигурно е репрезентацијата на Русија. Не паметам кога последен руската репрезентација завршила на првото место во својата група во првата фаза од натпреварувањата и пренела солидна залиха на бодови во следната фаза. Од 22. место на последниот Европски шампионат, каде го завршија натпреварувањето уште во првата фаза, ова сега претставува голем напредок.

Репрезентацијата на Русија долго време го носи товарот и притисокот на минатото, кога заедно со Шведска најчесто ги освојуваа медалите на големите натпреварувања. Во потрага по повторување на тие успеси, се обидоа со повеќе руски тренери, пробаа и со Давис како консултант, меѓутоа не беа ни близу до резултатите на легендарниот Максимов. Овој пат се одлучија селекторската функција да му ја доделат на Велимир Петковиќ. Петковиќ после долгогодишното работење во бундес лигата, оваа сезона го презеде и новиот руски клупски проект ЦСКА Москва.

Основна задача на Петковиќ беше да го реформира рускиот национален тим. Кога велам реформира, не мислам на кадровски промени, туку на промени во самиот однос на играчите во националниот тим. Како суштинска промена, како што самиот вели е демократизацијата во националниот тим. Заедно во разговор со играчите ги анализираат противниците, дискутираат околу тоа, а со самото тоа играчите добиваат на поголемо значение.

Подигнување на самодовербата, тимскиот дух е друга особина која се гледа како новина во рускиот тим. Видна е радоста, поддршката која руските ракометари си јадаваат едни на други после секој шут, секоја одбрана, секоја грешка.

Што се однесува до самата игра и тоа како се видливи промени. Петковиќ го наметна германскиот, бундеслигашкиот стил на игра, каде брзината е главен фактор. Брзина на движење , брзина на донесување одлуки во самата игра. Иако многумина руски ракометни авторитети му замеруваат дека не е се во трчањето, тој не одстапува од тој негов систем, што сега за сега му дава добри резултати.

Одбраната одстапува од класичната руска 6:0, сега таа е поподвижна, подлабоко поставена и далеку поагресивна. Брзата транзиција од одбрана во напад е главна одлика на рускиот тим,било да е контранапад или брз центар после примен гол.

Во напад се инсистира на брз проток на топка, доста промена на места на бековите, што резултира со успешни шутеви од 9 метри. Како еден од проблемите со кои што се соочил на почетокот, како што вели Петковиќ, било константното водење на топка кога се тргнува во движење према гол.

Во одсуство поради повреди на Атман и Шкурински, младиот Косоротов, добива поголема улога. Како што изјавува и самиот Петковиќ, сеуште се нема издвоено лидер во рускиот тим, тимската игра е главна карактеристика на овој тим.  Во продолжението на првенството Русија влегува со 3 бода и треба да се сретне со Македонија, Египет и Шведска.