ПРЕСИНГ: Ги затворивме пивотмените, заборавивме на бековите

Кога играте против тимови кои имаат брза транзиција, не смеете да правите многу технички грешки. Неколку такви грешки, некој избрзан шут и казната веднаш доаѓа.

Иако разликата е висока, сите можеме да се сложиме дека Македонија изгледаше далеку подобро на теренот на дуелот против Словенија од претходните натпревар. Нашиот тим беше многу по борбен, мотивиран, со желба за надигрување. Нешто слично како на  натпреварот со Шведска, бевме рамноправен противник само 20-тина минути, недоволно за нешто повеќе. Ако од нешто треба да бидеме задоволни, тоа е дека полека се будат нашите останати бекови освен Кирил Лазаров.

Против Чиле тоа беше Филип Кузмановски, денес после доста претрпени критики, знаци на живот во напад даде и Филип Талевски. Во одбраната бевме поорганизирани и заедно со Митревски на голот делувавме солидно. Она што го потенцираше селекторот, пивотмените на Словенија, успешно ги затворивме. Но се тоа беше премалку, само во почетните 20 минути. Кога играте против тимови кои имаат брза транзиција, не смеете да правите многу технички грешки. Неколку такви грешки, некој избрзан шут и казната веднаш доаѓа.

Кога веќе ги затворивме пивотмените, само три гола постигнаа, не смеевме да заборавиме на бековите на Словенија. Средниот бек на Словенија, Зарабец, многу успешно го водеше нападот. Го поставуваше својот пивот широко, помеѓу 2 и 3 или 4 и 5, со што се изолираше еден наш централен одбрамбен играч и го напаѓаше директно 1 на 1. Неколку пати помина и поентираше, а многу пати врзуваше уште еден одбрамбен па се создаваше вишок на играч по страничните позиции. Стоилов многу се трошеше во напад против централните одбрамбени играчи на Словенците, што се одрази на неговата игра во одбрана па „пукнавме“ неколку пати кај него. Нашите централни одбрамбени добро затвараа, но  не излегуваа до крај и не правеа фаул, кога словенечките бекови доаѓаа од широко према средина, што резултираше со неколку голови од 9 метри.

Во напад создававме шанси, меѓутоа некако како да не ја ценевме доволно топката и ако бевме повеќе присебни немаше разликата да биде толку голема. Имавме неколку зицери кои моравме да ги дадеме, а тоа резултираше со брзи контри на словенците. Во нападот селекторот изротира, што да ја задржи свежината на екипата, а и да им даде шанса на другите репрезентативци. Па така видовме неколку добри потези на Танковски, Серафимов … Голманите повторно на висина на задачата. Митревски и Томовски одлично се надополнуваат.

Очигледно е дека притисокот врз  играчите полека попушта. Играат порастоварено, но се уште со многу технички грешки. Ако во идните натпревари ги намалиме техничките грешки и ја подигнеме агресивноста во одбрана, ако постигнеме неколку голови од транзиција, со што би растеретиле позициониот напад, можеме да се надеваме на некое изненадување во продолжение на групата.