Вардар со тројца голмани во Брест

Ракометарите на европскиот шампион Вардар денеска на пладне ќе заминат за белорускиот град Брест, каде што утре ќе ја имаат премиерата во новата сезона од Лигата на шампионите.

Стратегот Стевче Алушовски ќе смета на 17 ракометари во Брест, од кои 16 ќе се најдат во записникот на дуелот против незгодниот домаќин.

Меѓу патниците за Брест се и тројцата голмани – Борко Ристовски, Робен Кантегрел и Марко Кизиќ, а судејќи според досегашната пракса, еден од нив би требало да отпадне пред средбата.

Во составот ќе биде капитенот Стојанче Стоилов, кој се врати пред три дена на тренинзите, а за Брест патува и Кристијан Дисингер, кој претходните денови се пожали на мала повреда.

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Вардар се игра од 18:45 часот во салата „Викторија“.