Пред двобојот со Вардар – Загреб донесе двајца босански ракометари

Хрватскиот шампион Загреб за новата сезона донесе уште двајца нови ракометари во своите редови.

Едни од најголемите таленти во Босна и Херцеговина, Един Клис и Адин Фалјиќ се новите ракометари меѓу загребчани. Двајцата ракометари од БиХ одлучија кариерата да ја продолжат во Загреб и чекор по чекор да се надградуваат под тренерската палка на Ивица Обрван.

Един Клис игра на позицијата лев бек и во Загреб ќе пристигне од екипата на Слобода Тузла која минатата сезона го освои Купот во БиХ. Клис беше и капитен на босанската младиинска репрезентација. По одличните настапи во младинскиот дрес, на неговата адреса стигна и покана за настап во сениорската репрезентација. Во својата кариера, Клис настапуваше и за екипите на Искра Бугојно и Криваја.

Адин Фалјиќ игра на позиција пикер и најверојатно ќе има шанса да ги докаже своите квалитети во хрватскиот шампионат. На позицијата пикер во Загреб настапуваат и Жељко Муса, Марин Шипиќ, Никола Граховац и Доминик Гал. Фалјиќ во својата кариера беше дел од босанскиот суперлигаш, Криваја.

Двајцата би требало да го имаат своето деби на четвртфиналните натпревари против Вардар во СЕХА лигата.