По 12 години, Богданци повторно ќе ужива во суперлигашки ракомет!

Сите љубители на ракометот во Македонија сигурно се сеќаваат колку им беше тешко на Вардар, Металург, Пелистер, ТК Бренд, да гостуваат во Богданци и колку ова мало гратче на југот го сака овој спорт.

Тимот на Младост, кој играше во европските купови против тимови како Виборг, Иври, Металопластика, Сиудад Реал, ГОГ Гудме…се враќа во Суперлигата следната сезона, а Богданци по 12 години ќе може да повторно да ужива во елитен ракомет.

„Кон крајот на 2017 година се роди желбата за формирање на нов ракометен клуб кој ќе биде наследник на стариот Младост и во кој ќе се работи со млади деца, бидејки по згаснувањето на Младост во 2008 година девет години во Богданци не функционираа младински школи во ракомет. Најпрво започнавме да работиме со деца од нашиот град, а потоа отворивме школа и во Дојран, па во Валандово каде сега броиме преку 100 членови. Екипата беше подготвена за Прва лига, но знаевме дека ни треба човек кој ќе верува нашите идеи и иден проект, кој имаше за цел да ги врати младите во сала, да ја врати публиката во сала и да направи тим со млади таленти домашни играчи, кој во иднина ќе се бори за повисоки дострели. Благодарни сме и на сите останати кои исто така помагаат и веруваат во нас како проект. Првата сезона игравме плеј-аут и завршивме на првото место. За втората сезона целта ни беше пласман во плеј-оф и поквалитетни натпревари, исто така и таа цел ја остваривме. Шансите за влез во Супер лига знаевме декани беа минимални. Меѓутоа како минуваше време желбата беше огромна еден ден да се вратиме во елитата. И ете шансата е пред нас“, вели Никола Роглев, кој освен улогата на играч и тренер, ја има улогата и на секретар во клубот.

Заедно со Младост Богданци, во Суперлигата влегоа уште пет прволигаши – КЛ7, Астраион од Струмица, Тиквеш од Кавадарци, Прилеп и Јуниор Кисела Вода.