„Потребни ни се победи за да излеземе од дупката во која паднавме“

Директорот на Мешков Брест, Павел Башкин за телевизијта „Белорусија 5“ го сподели своето мислење за настапот на тимот во Лигата на шампионите во оваа сезона.

Белорускиот шампион го има најлошото издание во најквалитетното европско натпреварување бидејќи по шест одиграни натпревари се наоѓа на последното место во Групата А, без ниту еден освоен бод.

Башкин истакна дека по историскиот пласман минатата сезона, во новата никој не очекувал голем пад на клубот. Дополнителен проблем за екипата на Мешков Брест беа повредените ракометари.

„Минатата година постигнавме историски резултат, односно стигнавме до четвртфиналето во Лигата на шампионите. После тоа падот беше очекуван… но не толку голем како оваа сезона. На натпреварот против Елверум се боревме до крај, но играта се покажа како недоволна. Нема да има никакви проблеми. Имавме многу повредени ракометари на почетокот на сезоната. Останатите ракометари имаа голем товар и беа многу уморни“, изјави Башкин.

Бидејќи има доста промени во екипата во однос на минатиот состав, Башкин смета дека е потребно време за резултатите на тимот да бидат видливи.

„Потребни се победи за да излеземе од дупката во која паднавме. Мислам дека победите ќе дојдат, тимот треба само да игра. Имаме многу нови комбинации и во одбрана и во напад. Значи ни треба време. Се надевам дека ќе ни помогне паузата за репрезентациите. Сите играчи кои дојдоа одговараат на нивото на Лигата на шампионите“, заврши Башкин.

Мешков Брест во првите шест кола од Лигата на шампионите доживеа пораз од екипите на Кил, Вардар, ПИК Сегед, Алборг, Монпелје и Елверум.