„Постои ризик да згаснат многу клубови – трошоците се големи, а приходите ограничени“

Играњето на натпревари без публика најмалку до крајот на октомври во Бундес лига е уште еден голем удар за клубовите и нивните финансии.

Управниот директор на Рајн Некар, Џенифер Кетеман, во изјава за handball-world.news говореше за последиците од забраната за гледачи на натпреварите на почетокот на сезоната во Бундес лигата.

„Од една страна мораме да бидеме претпазливи да не исчезнеме целосно во оваа ситуација. Од друга страна ризикот е преголем од згаснување на клубови, бидејќи трошоците се големи а потенцијалните приходи се многу ограничени. Ќе се обидеме да преговараме со лигата и властите. Нема да биде лесно за нас да започенеме да играме во вакви услови, мора да развиеме концепт кој е барем половина економски исплатлив“, рече Кетеман.

Најдобрата лига во светот би требало да започне од 1 октомври доколку до тогаш нешто не се промени. За разлика од минатата сезона, во претстојната ќе се натпреваруваат вкупно 20 екипи или две повеќе бидејќи ниту еден тим не испадна, а најдобрите тимови од Втората лига добија шанса за настап во елитата.