Последен тајм-аут на Шведска: Селекторот молчи, капитенот зборува (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Шведска стана европски првак со триумфот над Шпанија со 27-26 со голот постигнат по истекот на времето од пенал.

На последниот тајм-аут, кога имаше уште 19 секунди, капитенот Џим Готфридсон, зборуваше, додека селекторот Глен Солберг само слушаше.

Тоа го видовме и лани на Мундијалот во Египет, а Готфридсон вели дека сите зборуваат што ќе се игра уште пред мечот.

„Секогаш имаме определен план за тајм-аут. Сите дискутираме за некои опции пред мечот, а додека трае мечот јас го кажувам планот што да правиме. Ова е нормално за нас, да зборувам јас, а не Глен. Јас сум одговорен за нападот, па ова е мојата улога“, вели Готфридсон.

Договорот беше да се шутира од крило.

„Играме Германија-лево, а Данска-десно…ако не ти пуштам…еј еј еј слушај, ако имаш шанса, шутирај му меѓу нозе, тој е лош од крило“, кажа Готфридсон на последниот тајм-аут, а мислеше на голманот Перез Де Варгас, кој смета дека брани лошо шут од крилните позиции.