„Посебен хотел за гостите, десет дена карантин, два корона-теста по 200 евра…“

Норвешките клубови кои требаше да настапуваат во Лигата на Европа, Хаслум и Арендал одлучија дека е подобро за нив да го откажат учеството во европските натпреварувања.

Главни причини за ваквата одлука се ризикот од ширење на коронавирусот, финансиката состојба на клубовите и строгите правила во Норвешка за оние кои патуваат во странство за време на пандемијата.

„Ракометот е важен, но не е толку важен како животот и здравјето. Имаме многу натпревари пред нас кои ги очекуваме и се надеваме дека ќе можеме да ја израдуваме норвешката јавност. Не сакаме да ги изложиме нашите играчи, нивните семејства, нашите гледачи или некој друг на непотребен ризик од ширење и заразување со коронавирусот. Ние мора да бидеме пример за децата и младите ракометари. Ако видат дека ја напуштаме земјата, можеби ќе се најдеме во ситуација кога тие ќе мислат дека сè е во ред. Но, ова не е вистина. Ова е важно за Норвешка и за целиот свет. Затоа, решивме да се повлечеме од европскиот натпревари оваа сезона по разговорот со сите засегнати страни. Пандемијата ја сфаќаме многу сериозно, и кога премиерот ќе зборува на прес-конференција и ќе побара од норвешкиот народ да остане во Норвешка, ние тоа и го правиме“, велат од клубовите во заедничкото обраќање до ЕХФ.

И покрај желбата за настап, двете норвешки екипи мораа да се откажат и службено ги загубија натпреварите.

„За да организираме меч на домашен терен, гостинските екипи требаше да дојдат во Норвешка десет дена пред натпревар. Требаше да има за нив посебен хотел во кој ќе бидат изолирани и без контакти со околината. За сите инволвирани на натпреварот, ќе беа потребни два теста. Секој од нив чини околу 200 евра, на сметка на организаторот. Тоа финансиски не беше изводливо, за двата клуба“, објавија раководните луѓе на двата тима.

Норвешките претставници во Лигата на шампионите, Елверум во машка и Крстијансанд во женска конкуренција сè уште немаат потврдено дали ќе бидат дел од европските натпреварувања.