Португалија со втор тим во последните две кола од квалификациите за ЕП

Машката сениорска репрезентација на Португалија со двете победи над Македонија и оние со Турција и Луксембург, си обезбеди пласман на Европското првенство 2024 во Германија.

Во последните два натпревари од квалификациите за континенталниот собир, селекторот на Португалија, Пауло Переира, се одлучи да настапи со изменет состав.

Переира на реванш дуелите со Турција и Луксембург шанса ќе им даде на помладите ракометари, кои допрва треба да стекнуваат репрезентативно искуство, па така на списокот се најдоа дури шест дебитанти.

Станува збор за Диего Рема, Фабио Тешеира, Миген Пино, Нуно Кеирош, Густаво Оливеира и Јоаким Назаре, кој моментално е најдобриот стрелец во Асобал лигата. Меѓу избраните има и неколку повратници во националниот дрес.

Најголемиот дел од избраните 16 играчи настапуваат во португалскиот шампионат, четворица од нив доаѓаат од Агуаш Санташ, клуб кој во оваа сезона му беше ривал на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лига на Европа.

Португалија на 26 април ќе и гостува на Турција во Анкара, додека на 30 април на свој терен ќе го пречека Луксембург.