Поранешен голман на Металург на 40 години се врати во матичниот клуб

Поранешниот голман на Металург, Србинот Мирослав Коциќ и на 40 години ја продолжува својата кариера и се враќа во клубот каде што ги направи првите ракометни чекори.

Лесковчанецот наредните две сезони ќе го брани голот на екипата од својот град, Дубочица која во следната сезона се надева на подобри изданија во првенството на Србија откако заврши на шестата позиција на табелата оваа сезона.

Мирослав Коциќ беше дел од Металург во сезоната 2014/15 кога екипата се натпреваруваше во Лигата на шампионите. Претходно настапуваше за француски Саран, Војводина и Бешикташ, а изминатата сезона во Железничар беше најдобриот поединец.

Со овој трансфер Дубочица најавува дека за следнате сезона планира да создаде екипа која ќе биде силен конкурент за сите и ќе атакува на висок пласман во шампионатот на Србија.