Поранешен голман на Вардар номиниран за играч на годината во Бундес лигата

Поранешниот голман на Вардар, Дејан Милосављев, кој моментално настапува за екипата на Фуксе Берлин, е меѓу номинираните кандидати за играч на годината во најквалитетната лига на светот.

Српскиот репрезентативец одигра одлична полусезона со своите соиграчи и моментално првиот дел од натпреварувачката 2022/23 го завршија на првата позиција на табелата во Бундес лигата.

Милосављев во сезона 2020/21 и 2021/22 беше избран за најдобар голман во Бундес лигата. Минатата сезона успеа да одбрани дури 368 удари на противниците на 34 меча.

Во 2021 година ја доби наградата од Ракометниот сојуз на Србија за најдобар српски ракометар. Искусниот голман со вардаровиот тим во сезона 2018/19 ја освои Лигата на шампионите. Во истата сезона доби место во Ол Стар тимот во најквалитетното европско натпреварување.

Освен Милосављев, номинирани сѐ и Никлас Ландин (Кил), Џим Готфридсон (Фленсбург), Фин Хангштајн (Ајзенах), Јури Нор (Рајн Некар), Гисли Кристијансон (Магдебург), Ханс Линдберг (Фуксе Берлин), Доминик Мапес (Гумерзбах), Омар Инги Магнусон (Магдебург) и Каспер Мортенсен (Хамбург).