Поради неспортско однесување, ИХФ суспендираше некогашен стратег на ЖРК Вардар!

Репрезентацијата на Унгарија иако го заврши настапот на Мундијалот на 14. место, сепак поради добриот настап на ЕП во Франција и благодарејќи на победата на Шведска над Германија, обезбеди квалификации за ОИ.

Но,можеби визата за Токио да ја бараат без помошта на селекторот и некогашен тренер на ЖРК Вардар, Ким Расмусен. Извршниот комитет на ИХФ го суспендираше данскиот стратег, но не е објавена должината на суспензијата.

Тој на прес конференцијата по мечот со Романија од првата фаза кој беше решавачки за пласман во главната рунда, незадоволен од судењето користеше непристоен речник.

„Господинот Расмусен покажа неспортско однесување и користеше непристоен речник. Извршниот комитет на ИХФ го суспендира од било кои тренерски активности на национално и на меѓународно ниво. Одлуката стапува на сила веднаш, а случајот ќе биде проследен на Етичкиот комитет за понатамошни чекори“, се вели во соопштението на ИХФ.

Расмусен имаше кратка авантура во ЖРК Вардар, а потоа беше исто така кратко време на клупата на романскиот ЧСМ Букурешт.