Поповиќ: Она што можеме да ветиме е дека ќе дадеме максимум против Адемар

Екипата на Металург утре од 18:45 часот ја очекува средба од Лигата на Европа против составот на Адемар Леон со што завршува со натпреварите во Европа.

Ова е дуел со кој се затвора овој дел од сезоната така што утре во Скопје се спушта завесата на групната фаза. Металурзите треба да бидат конечно комплетни, а ова ќе им биде генералка пред почетокот на плеј-оф натпреварите од Супер машката лига.

„Сите знаеме каква екипа е Адемар Леон, покриена е на сите позиции со квалитетни ракометари и константно напредува. Доказ за тоа се и победите над Висла Плок и Чеховски медведи. Од друга страна, Металург сè уште има проблеми со вирусот и затоа не можеме да ветуваме атак на бодови на овој дуел. Она што можеме да го ветиме е дека ќе го дадеме максимумот од себе, а овој дуел ќе го искористиме за да се воиграме за вториот дел од Супер лигата. Искрено не сум многу задоволен од досегашните резултати, затоа што имавме големи очекувања. Сепак, за жал оваа слика е реална бидејќи имавме многу проблеми со вирусот. Што се однесува до моите настапи, може да бидам задоволен, но не во целост, затоа што тимот не ги бележеше посакуваните резултати“, вели Милан Поповиќ.

Металург има три бода и се наоѓа на последното место во Групата А од Лигата на Европа.