Помина 28 дена во карантин, а ќе мора повторно уште 14 дена

Црногорскиот репрезентативец Марко Ласица е еден од најдобрите примери за тоа колку коронавирусот влијаеше врз животот на спортистите. Тој минатата сезона настапуваше во Бешикташ и кога се врати во Црна Гора од Истанбул мораше да остане 14 дена во карантин.

Во новата сезона Ласица ќе настапува за романскиот Фагараш. Тој на почетоткот на месецот замина за Романија каде што мораше да помине нови 14 дена во карантин пред да се приклучи на тренинзите на својот нов тим.

Ракометарот треба да се врати во Црна Гора да ги заврши обврските околу работната виза во романската амбасада во Подгорица, пишува „МНЕ Рукомет“. Потоа кога повторно ќе замине во Фагараш би требало да биде нови 14 дена во карантин затоа што Црна Гора не се наоѓа на листата на земји чии граѓани можат слободно да влегуваат во Романија.

Првенството на Романија би требало да започне на 15 септември, но сè уште е неизвесно бидејќи секојдневно во земјата има голем број новозаразени со коронавирус.