„Покажавме дека имаме ракомет и во нашата земја“

Репрезентацијата на Литванија обезбеди учество на Европското првенство 2022 во Унгарија и Словачка.

Литванија како една од четирите најдобро пласирани репрезентации кои завршија на 3. место во квалификациските групи обезбеди учество на европскиот шампионат и по долга пауза повторно ќе игра на едно големо натпреварување.

Поранешниот репрезентативец на Литванија, а актуелниот тренер на Мотор Запорожје, Гинтарас Савукинас за домашниот медиум „Делфи“ го сподели своето мислење за напредокот на литванската репрезентација.

„Радува фактот што овој тим ја постигна целта од соништата. Во исто време, тоа е одлична можност да се покаже дека ракометот е жив во Литванија. За федерацијата е важно ова достигнување да го претстави во вистинско светло. Традициите во литванскиот ракомет имаат длабоки корени, имавме неколку добри победи”, изјави Савукинас.

Тренерот на Мотор Запорожје изјави дека државата повеќе треба да вложува во ракометот и клубовите да се натпреваруваат на меѓународна сцена.

„Во одреден момент овој спорт беше тргнат на страна, репрезентацијата не се пласираше на главните квалификации на европските или светските шампионати, а домашните клубови не блескаа. Имаше период кога ниту еден клуб не учествуваше на меѓународна сцена. Претходно, Гранитас учествуваше во Европските купови. Сега клубовите не се пријавуваат на меѓународна сцена бидејќи немаат пари. Тоа е исто така прашање за државната спортска политика, на крајот на краиштата, тоа е огромна реклама за земјата. Ако некој клуб се натпреварува во европските купови и победува, тоа се и рангирачки поени за федерацијата, но и реклама за државата”, заврши Савукинас.

Литванија во својата историја има само едно учество на Европското првенство, тоа беше во далечната 1998 година.