Познат планот и програмата на сениорите: Старт на 21 декември, комплетни дури на 2 јануари!

Машката сениорска репрезентација ја очекува настапот на Европското првенство од 10 до 26 јануари што ќе се одржува во Австрија, Шведска и Норвешка.

Нашата селекција ќе игра во Виена, а ривали ни се домаќинот, Чешка и Украина. Подготовките на сениорите ќе започнат на 21 декември, а на стартот ќе се работи во Скопје.

По настапот на “Трофеј Карпати” и две контролни средби, следува враќање во македонската престолнина и пауза за Нова Година.

“Подготовките почнуваат на 21 декември. Потоа на 28 и 29 декември ќе играме на “Трофеј Карпати” во Романија. Таму нема да ги имаме сите играчи, Бундес лигата се уште се игра. Играчите што имаат поголема минутажа како Лазаров, Манасков, Ристовски, тука би ги искористиле за рекуперација и тие ќе се приклучат на 2 јануари. Играчите од поширокиот список ќе настапат во Романија. Потоа по Нова Година за разлика од претходните подготовки, да заминеме некаде поблиску до Австрија. На 3 јануари ќе играме со Словенија, потоа со Црна Гора и ќе одиме во Виена“, изјави Брестовац. 

Настапот за Македонија почнува со дуел против Украина на 10 јануари, потоа следуваат средбите со Чешка и Австрија.