Познато е кога ќе играат Македонија и Црна Гора, ривалот доаѓа со 17 ракометари

Машката сениорската репрезентација на Црна Гора дел од подготовките за Светското првенство, кое во јануари ќе се одржи во Полска и Шведска, ќе ги одработи во Маврово.

Како што е веќе познато, ракометарите на Црна Гора на двапати ќе тестираат против репрезентацијата на Македонија. Првиот контролен дуел, кој ќе биде одигран на 27 декември е закажан со почеток од 17:00 часот, додека на 28 декември двете репрезентации ќе играат во терминот од 14:00 часот.

Во составот на Црна Гора кој ќе допатува во Македонија има 17 ракометари, меѓу нив и двајца играчи кои во моментов настапуваат во нашата Суперлига – голманот  Василије Печурица од Еурофарм Пелистер 2, како и десното крило на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ. Од списокот отпадна голманот на Тиквеш, Јагош Брауновиќ.

Има уште шестмина кои во минатото биле дел од македонските клубови. Тоа се голманот Никола Матовиќ (Струга), пивотите Вук Лазовиќ (Вардар) и Лука Вујовиќ (Работнички, Металург), како и бековите Ристо Вујачиќ (Вардар Јуниор, Пелистер), Стеван Вујовиќ (Вардар, Металург) и Божидар Симиќ (Вардар Јуниор, Радовиш).

Поради клупски обврски на тимот на 1 јануари ќе му се придружат Небојша Симиќ, Бранко Вујовиќ, Милош Вујовиќ, Радојица Чепиќ, Васко Шеваљевиќ, Марко Ласица, Немања Грбовиќ, Божо Анѓелиќ и Василије Калуѓеровиќ.

Ракометарите на Црна Гора на двата дуели против Македонија ќе бидат предводени од асистентот на Зоран Рогановиќ, Брано Божовиќ, бидејќи Рогановиќ има клупски обврски во Шведска.

Состав на Црна Гора за пријателските натпревари против Македонија во Маврово

Голмани: Никола Матовиќ, Василије Вујовиќ, Василије Печурица

Крила: Мирко Радовиќ, Александар Бркиќ, Филип Вујовиќ, Лука Радовиќ

Бекови: Ристо Вујачиќ, Лука Вукичевиќ, Божидар Симиќ, Стеван Вујовиќ, Милош Божовиќ, Александар Гленџа, Лука Барјактаровиќ

Пивоти: Вук Лазовиќ, Миодраг Чорсовиќ, Лука Вујовиќ

Црногорците ќе имаат и две проверки против Катар во Доха на 3 и 5 јануари, од каде што патуваат за Краков каде на 12 јануари играат против Шпанија на стартот на СП. Црна Гора на Мундијалот ќе игра и со репрезентацијата на Чиле и Иран.