Познати учесниците во женската ЛШ – само Борусија „извиси“, ќе има два дебитанти

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ги објави учесниците и кај дамите за новата сезона. Покрај тимовите што обезбедија директно место, вајлд-карти добија седум од осум екипи кои имаа аплицирано за настап во елитното европско натпреварување.

Екипите на Бањик Мост, Брест Бретањ, Ференцварош, Сторхамар, ЧСМ Букурешт, Крим Меркатор и Кастамону се тимовите кои преку вајлд-карта обезбедија учество во Лигата на шампионите. Екипата од Германија, Борусија Дортмунд е единствената екипа која остана без место меѓу најдобрите европски екипи.

Романија, Унгарија, Данска, Франција и Норвешка ќе имаат по два претставници во женската Лига на шампиони. Норвешка, земја од каде што доаѓа актуелниот европски шампион, Вајперс Кристијансад, по подолга пауза повторно ќе има две екипи во најквалитетното европско натпреварување.

Норвешкиот вицешампион, Сторхамар по првпат ќе учествува во Лигата на шампионите. Дебитант во новата сезона ќе биде и романскиот шампион, Рапид Букурешт, додека екипите на Локомотива, Загреб, Бањик Мост и Битигхајм се повратници во Лигата на шампионите.

Ждрепката за групната фаза во Лигата на шампионите е закажана на 1 јули. Во новата сезона ќе учествуваат вкупно 16 екипи.