ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Вардар без Дисингер и со тројца голмани против Порто (ФОТО)

Ракометарите на Вардар вечерва ќе го одиграат третиот натпревар од Лигата на шампионите против португалскиот шампион Порто.

Дуелите со Елверум во Скопје и ПИК Сегед на гости беа одложени, а вардарци по поразот од Мешков Брест, дома го победија Фленсбург.

Вечерва со почеток во 20:45 часот, избраниците на Стевче Алушовски ќе бидат на нов тежок испит, против четата на Магнус Андерсон, кој преферира да игра со тактиката „седум на шест“.

Стратегот Стевче Алушовски не може да смета на левиот бек Кристијан Дисингер кој има проблем со повреда на рамото и нема да се ризикува со него, а на негово место во ростерот ќе биде Марко Мишевски.

Алушовски веројатно ќе комбинира со Ловро Јотиќ на левата бековска позиција, а на среден бек повеќе минутажа ќе добие Анте Гаџа.

Вардар ги има во составот и тројцата голмани – Ристовски, Кизиќ и Кантегрел.