Познати критериумите за мундијалските вајлд-карти: Како Полска и Русија добија предност пред Македонија

Интернационалната ракометна федерација откри кои се критериумите по кои се водела пред доделувањето на двете вајлд-карти за Светското првенство во Египет следната година.

ИХФ добила осум апликации за две вајлд-карти за СП 2021 година од Македонија, Полска, Русија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Швајцарија и Холандија.

Иако не е првпат да се доделуваат „гратис билети“ за Мундијалите, сепак ИХФ никогаш досега не ги откривала интерните критериуми на Извршниот комитет.

Нив ги има четири:

  • организатор на следни ИХФ настани
  • пласман на СП 2019 година
  • број на жители
  • присуство на ракометот низ медиуми/ТВ

Од апликантите само Полска е организатор на некој следен ИХФ настан (Светското првенство во 2023 година). На СП 2019 година играа само Македонија, Русија и Србија. Русите завршија на 14 место, Македонија 15, додека Србите беа на 18 место.

Кога станува збор за население, тука Русија е без конкуренција, а според присутноста на ракометот низ медиумите, Македонија би можела да им конкурира на Полска и Русија, додека другите селекции во никој случај не можат да бидат во конкуренција и да се „мерат“ со овие три држави. Но милионскиот ТВ аудиториум на Полска и Русија пак е во предност.

Полска и Русија ќе треба да платат одредена сума за добиената вајлд-карта, но ИХФ не открива колку, но сигурно се пишува најмалку со пет цифри.

Како и да е, Македонија не доби од прв обид вајлд-карта од ИХФ, но останува уште една надеж – да биде откажан квалификацискиот турнир во Јужна Америка и светската куќа на ракометот да го додели тоа место на најдобро рангираниот континент – Европа.

Тоа значи дека најдобро пласираната селекција од последното ЕП што нема место на СП треба да игра на Мундијалот – а тоа е Македонија.