Подарок од Катар – Македонија пред пласман на Мундијалот во Шпанија!

Женската сениорска репрезентација на Македонија по 14 години пауза повторно би можела да заигра на Светско првенство!

Посакуваното сценарио се оствари. На Азиското првенство, кое е квалификациско за Мундијалот во Шпанија нема да се појават 12 селекции според предвидениот план. Азија како континент има(ше) шест места за СП, но бројот на селекциите што играат во квалификациите треба да биде најмалку дупло од оние што обезбедуваат пласман.

Откако се откажаа Афганистан и Индија, Азиската федерација ги донесе како замена Сирија и Палестина за бројката на учесници да биде 12. Сепак во последен момент, селекцијата на Катар не допатува во Јордан, па Азиското првенство ќе биде со 11 репрезентации.

Условот за двојно повеќе учесници од број на места за СП не е исполнет, па според регулативите на Светската ракометна федерација, континентот, во случајов Азија, губи едно место.

Тоа место треба да и припадне на најдобрата селекција од континентот на Светскиот шампион (Холандија), а тоа е Европа. Најдобро рангирана селекција од Европа и прва резерва, односно репрезентација што нема обезбедено место на СП е Македонија.

Сето ова треба во наредните денови да биде потврдено од страна на ИХФ, но сите правила и прописи се на наша страна и би било одлично селекцијата предводена од Љубомир Савевски да се појави на светскиот собир во Шпанија.