ПИК Сегед победнички доаѓа кај Вардар, Порто не беше закана

По поразот од ПСЖ на домашен терен, унгарскиот ПИК Сегед се рехабилитираше и стигна до триумф над Порто со 35-31. Победата беше обезбедена уште по првиот дел кога избраниците на Пастор имаа плус шест, 18-12.

Неизесно беше само до почетните 2-2. Потоа домашните си го фатија редот и се одлепија на 7-3. Кашпарек и Калман беа најекспонирани во нападот на ПИК Сегед и реализираа за највисоки плус шест, 16-10.

Во првото полувреме на голот на Порто беше македонскиот репрезентативец Никола Митревски кој собра седум одбрани, но неговите соиграчи тоа не го искористија во нападот и на пауза беше 18-12.

Унгарскиот состав имаше плус седум во вториот дел, Порто успеа во два наврати да намали на минус три, но немаше сили кај момците на Магнус Андерсон, кој со седум на шест не успеа да се врати во игра. Домашните рутински го затворија мечот со конечни 35-31.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Калман со седум, како и Кањелас, Радивојевиќ и Кашпарек со по шест погодоци, а кај Порто, Руи Силва даде исто толку. Следен предизвик за ПИК Сегед ќе биде гостувањето во Скопје кај Вардар за три дена.