Пик Сегед ослабен доаѓа во Скопје на дуел со Вардар

Екипата на Пик Сегед која в недела ќе биде противник на Вардар во Лигата на шампионите доаѓа ослабена на пресметката со „црвено-црните“.

Тренерот Хуан Карлос Пастор остана без десниот бек Лука Степанчиќ, кој откако се врати на терените после долгата пауза поради повреда сега одново ќе мора да одмори.

После долгото заздравување до хируршката интервенција на лигаментите на коленото, сега ја повреди ахиловата тетива. Поради оваа повреда Степанчиќ ќе мора да биде надвор од терените во следните месец и пол што значи дека тимот од Унгарија останува за клучните средби без важен играч.

Покрај проблемите на Пик Сегед од повредата на Степанчиќ проблеми има и за репрезентацијата на Хрватска бидејќи Степанчиќ беше во плановите на новиот селектор Хрвоје Хорват. Затоа, мораше брзо да се најде замена, па на негово место е повикан Шиме Ивиќ.