ПИК Сегед многупати одби учество во СЕХА, а сега се „нуди“?

Претседателот на ПИК Сегед, Петер Шуч, беше гостин во телевизиска емисија на унгарската Диги спорт и зборуваше за влијанието на корона кризата врз квалитетот на ракометот.

Тој истакна дека пандемијата на коронавирус го ослабна првенството на Унгарија и смета дека можеби регионалните лиги се начин за продолжување на развојот на спортот и подигање на квалитетот.

„Појавувањето на коронавирусот секако дека го ослабна првенството на Унгарија. Иако сè уште нема вакцина и во секој момент е можен нов бран на заразата, верувам дека интересот на гледачите можат да го задржат регионалните лиги“, рече претседателот на ПИК Сегед.

Во минатите години унгарскиот состав повеќе пати добиваше покана за настап во регионалната СЕХА лига, но понудите беа одбиени. Дали можеби оваа изјава на претсдателот на клубот е најава дека ПИК Сегед е заинтересиран за настап во СЕХА останува да видиме.

Шуч е револтиран од постапката на играчите и нивните агенти во однос на преговорите за намалување на платите. Ракометарите на ПИК Сегед земаат 25% намалена плата, но од почетокот на јули се очекува да се вратат на нормално ниво.

„Тие не ја понудија помошта која клубот ја очекуваше од нив во ова време. Не треба да бидеме заедно само во среќните моменти, да се радуваме туку и во тешките. Страните треба да се обидат да најдат заедничка основа. Однесувањето на агентите не се вклопува во нормите на управување“, заврши Шуч.