ПИК Сегед и Богдан Радивојевиќ во љубов до 2023 година

Вице шампионот на Унгарија, ПИК Сегед објави дека го продолжи договорот на десното крило од Србија, Богдан Радивојевиќ за уште две години до 2023 година.

После пристигнувањето од Рајн Некар, Радивојевиќ одлично се снајде во новата средина и одигра многу добри натпревари во првиот дел од сезоната, а речиси на секој натпревар е еден од најдобрите стрелци.

Ова беше добра препорака за управата на ПИК Сегед да ја продолжи соработката и да го награди со нов договор репрезентативецот на Србија. Задоволството од изданијата на Радивојевиќ го истакна и менаџерот на клубот.

„ Прикажа одлични партии веднаш по пристигвнувањето. И навивачите брзо го засакаа, тоа е причина што му понудивме повеќегодишна соработка. Богдан е едно од најпрепознатливите лица во тимот“, рече Габор Коса.

Радивојевиќ пристигна во ПИК Сегед од бундеслигашот Рајн Некар, а претходно натапуваше и за Фленсбург и Партизан.