Пешиќ тврди: Повредата не е главната причина поради која ме избркаа од Мешков

Голманот кој во последните осум години беше на голот на Мешков Брест, а пред неколку дена доби отказ, Иван Пешиќ се најде во тешка ситуација бидејќи на помалку од два месеци до Европското првенство остана без клуб.

Според информациите причината за отказот се повредите и неможноста да биде во тимот, но играчот вели нешто сосема друго и демантира дека повредите биле главниот проблем.

„Имав некои проблеми, но повеќе од месец дена тренирам. Во меѓувреме бранев и за репрезентацијата на хрватска. Тврдам дека ова сигурно не е главната причина за ваквиот прекин на нашата соработка. Ќе видиме што ќе биде понатаму. Овде сум повеќе од осум години, сигурно не заслужив ваков крај“, вели Пешиќ за „24Сата“.

Тој пред извесно време потпиша договор со Нант кој станува активен од јуни 2022 година, па постојат многу сомнежи дека и ова одигра улога во отказот за ракометарот од Хрватска.