Пет поранешни ракометарки на Вардар и Металург ќе ја предводат Србија на ЕП

Селекторот на женската репрезентација на Србија, Љубомир Обрадовиќ, го објави скратениот список од 22 ракометарки што ќе ги бранат боите на нашиот северен сосед на Европското првенство во Данска и Норвешка.

На списокот се најдоа и пет ракометарки што во минатото ги носеа дресовите на македонските тимови Вардар и Металург.

Тоа се крилото Катарина Крпеж, пикерот Драгана Цвијиќ, како и бековите Андреа Лекиќ, Јелена Трифуновиќ и Кристина Лишчевиќ.

Репрезентацијата треба да има собир на 22 ноември, а патот за Трондхајм е планиран на 2 декември. Србија ќе игра во групата Ц заедно со Холандија, Унгарија и Хрватска, а трите најдобри селекции ќе се пласираат во следната рунда.