Петрушевски место Недановски на клупата на Вардар за Супер Купот!

Тренерот на Вардар, Владо Недановски, нема да биде на клупата на „црвено-црните“ на првите четири натпревари оваа сезона, меѓу кои и Супер Куп натпреварот против Еурофарм Пелистер.

На негово место ќе седи Стојан Петрушевски, кој има тренерска лиценца, а во стручниот штаб покрај него ќе бидат Стојанче Стоилов и Александар Рогановиќ, кои исто така му помагаа и на Недановски. Петрушевски е долги години дел од тренерскиот штаб на Вардар, и секогаш „вадел жешки костени“ кога требало, па така и овојпат ќе биде дел од стручниот штаб.

Тренерот на Вардар, Недановски беше казнет со четири меча суспензија на последниот натпревар од минатата сезона, па истата ќе ја одработи на овој дуел од Супер Купот, како и на следните три натпревари од суперлигашката конкуренција.

Недановски нема да биде на клупата на двата меча со Еурофарм Пелистер, еден од Супер Купот и еден од Супер лигата, како и на двете средби од елитната конкуренција против Бутел Скопје и Пролет.

Вардар ја заврши европската сезона со два порази од Рајн Некар Левен во квалификациите за Лигата на Европа, па сега ќе може максимално да се посвети на обврските на домашна сцена. Претходно го освои турнирот во Струга.