Петровски: Две работи беа клучни за поразот од Тиквеш

Новиот суперлигаш Аеродром по премиерната победа над Куманово, загуби на домашен терен од Тиквеш.

Кавадарчани славеа во СЦ „Јане Сандански“ со 39-29, а стратегот на домашните Дарко Петровски го анализираше мечот и ги посочи клучните работи за пораз.

„Две работи беа клучни. Едната е неискуството, втората е тоа што не го дадоа моите момците својот максимум, иако сме млада екипа од која повеќето ракометари првпат играат во Суперлига. Можеби го преценија противникот, играа во грч, во прво беа подобри од второ. Се доближивме на минус пет во еден период, па имаше голем пад во играта и тоа што беше договорено и во напад и одбрана не беше спроведено. Тука сме да црпиме искуство“, вели Петровски.

Стратегот на Аеродром вели дека кавадарчани имаат квалитетна екипа со која ќе завршат во ТОП 4.

„Следен натпревар играме со добро познат ривал, со Скопје. Ќе биде тврд натпревар со Скопје, иако играме на гости мислам дека екипите ни се тука некаде на приближно ниво, додека Тиквеш е респектибилна екипа и мислам дека ќе биде во ТОП 4 на крајот“, заврши Петровски.

Тиквеш со сигурен триумф кај Аеродром