Тиквеш со сигурен триумф кај Аеродром

Ракометарите на Тиквеш на гостувањето во Аеродром кај истоимената екипа триумфираа со 39:29 во натпревар од второто коло од суперлигашката конкуренција.

Тиквеш уште во првите десет минути ги реши дилемите околу победникот, ја оправда улогата на фаворит и запиша нови три бода на свое конто.

Натпреварот меѓу дебитантот и тимот од Кавадарци започна израмнето, двете екипи на стартот постигнаа по два гола, по што резултатот во 5-та минута беше 2:2. Тиквеш за неколку минути врза четири гола во низа и се одлепи на 6:2.

Серијата на гостите беше прекината со голот на Пајкоски, кој намали на 6:3, но тимот на Матлиески продолжи во исто темпо и до крајот на полувремето имаше активен резултат.

По петнаесетина минути игра, предноста на Тиквеш беше плус пет, 12:7. Аеродромци во желбата да го направат натпреварот поинтересен, правеа грешки, додека искусниот ривал на теренот лесно го казнуваше невниманието на младиот тим на Петровски.

Во финишот од првиот дел, по водството на Тиквеш од 19:12, домаќините со два гола во низа намалија на 19:14. До крајот на полувремето двете екипи постигнаа по еден гол, па така на полувреме резултатот гласеше 20:15 во корист за кавадарчани.

Гостите од стартот на вториот дел, па до 40-та минута, постигнаа осум, а примија пет гола. Аеродромци на моменти покажуваа квалитет, но грешките од првиот дел и лошиот старт во вториот дел, беа причина што заостануваа на минус седум во 45-та минута, 29:22.

Последниот дел од дуелот мина во целосна доминација на Тиквеш. Домаќинот веќе немаше сили да направи нешто повеќе и му дозволи на гостите да ја зголемат предноста. Десното крило на Тиквеш, Евгениј Темелкоски, на овој дуел беше „компјутерски“ прецизен, особено во контра нападите.

Токму прилепчанецот беше најефикасен во победничката екипа со 11 погодоци. По четири погодоци постигнаа Срѓан Мијатовиќ, Мартин Манасков, Никола Стефановиќ, Димитар Коцев и Страхиња Симиќ.

И во тимот на Аеродром имаше неколку ракометари кои оставија добар впечаток. Поранешниот кадетски репрезентативец на Македонија, Наум Костов, беше прво има во домашниот табор со десет погодоци, четири реализации имаа Никола Анакиевски и Виктор Трифуноски.