Петковски, Тотиќ, Брестовац и Димковски на камп со сите „Ол Стар“ ракометари од летните првенства

Четворица македонски репрезентативци добија покана од Европската ракометна федерација за учество на кампот „Почитувај го твојот талент“, кој беше лансиран во 2019 година.

Средниот бек Томислав Димковски, левото крило Михаeл Тотиќ, голманот Давид Брестовац и десното крило Александар Петковски би требало да бидат дел од настанот што ќе се одржи во Виена од 27 до 29 јануари. Тие беа во идеалниот тим на последниот кадетски ЕХФ шампионат што го освои Македонија.

Станува збор за настан чии амбасадори се великани од типот на Ласло Наѓ, Виктор Томас, Штефан Ловгрен, Вид Кавтичник, Ивано Балиќ…

„Почитувај го твојот талент“ вклучува низа предавања за кариерата што ги чека младите ракометари, анти допинг, менталното здравје, однесување со медиуми, социјални мрежи и уште многу други работи што ќе им користат во развојот на кариерата.

Покрај македонската четворка на овој настан во Виена би требало да бидат присутни сите ракометари што се најдоа во идеалните тимови на ЕХФ шампионатите кај кадетите и младинците, како и од ЕП во двете категории.