Пелистер фуриозно против Спартак, го потврди пласманот во плеј-офот!

Ракометарките на Пелистер во спортската сала ,,Боро Чурлевски” обезбедија лесни три бода, откако триумфираа против тимот на Спартак, со резултат 34:26, во натпревар од 12. коло од Женската лига.

Пелистер со денешните три бода стигна до седми триумф во новата натпреварувачка сезона и битолскиот тим дојде до 22 бода и го потврди пласманот во плеј-оф фазата, бидејќи на две кола пред крајот има осум бода повеќе од директниот конкурент за 4. позиција во групата А, тимот на Шампион.

Домашниот тим повторно ја потврди класата над ,,фенерџијата” кој во Битола пристигна со само 10 ракометарки. Пелистер уште во првиот дел при водство од 8:2 најави како ќе се одвиваат работите во остатокот од дуелот. Спартак поради кратката клупа не можеше да направи нешто повеќе и во ниту еден момент не беше конкурентен.

Избраничките на Котевски чекор по чекор градеа сигурна предност, која ја одрживаа до крајот на натпреварот. Гостинскиот тим единствено преку Ѓошевска се закануваше кон голот на домаќинките, но тоа беше недоволно, бидејќи споменатата ракометарка немаше голема поддршка од нејзините колешки. На полувреме резултатот беше 19:12 за домашниот табор.

Во вториот дел немаше поголема промена на резултатот и Пелистер продолжи да ја полни противничката мрежа. Спартак за момент успеа да ја преполови високата негатива, но до крајот немаше сили да се избори за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа беа Моника Босилковска и Кристина Наумовска со по осум погодоци. Кај Спартак се истакна Јана Ѓошевска со десет гола.