Пачковски со ултиматум до Мешков: Не се враќам во Белорусија, сакам раскин на договорот!

Eкипата на Мешков Брест претрпува сериозни последици поради војната и санкциите кои ги доби Белорусија од ЕХФ.

По препорака на амбасадите во своите земји од Белорусија си заминаа: Полјакот Павел Пачковски, Французинот Батист Бонфон, како и луѓето од стручниот штаб – Шпанецот Даниел Гордо и Португалецот Нуно Фарел.

Денес Мешков го именуваше и новиот тренер на местото на Гордо во Брест дојде Дмитриј Тихон. Набрзо потоа Павел Пачковски даде изјава во која порача дека нема намера да се враќа во Белорусија, иако од Мешков во соопштението потенцираа дека тие не ги раскинуваат договорите.

„Му кажав на мојот менаџер дека сакам да го раскинам договорот со Брест. Одлуката е конечна. Формално се уште сум играч на клубот, но немам намера да се враќам во Белорусија. Тука станува збор за морален аспект“, изјави Пачковски во интервјуто за „ kielcehandball.pl“.

Покрај Пачковски познато е и дека Јака Малус нема да се враќа во Мешков, неговиот план беше на лето да го напушти клубот, но поради целата ситуација и си замина порано.