Пасквал: Имаме луд распоред, кој нѝ гарантира дека сè ќе се одигра?

Тренерот на Барселона, Чави Пасквал е во неизвесност околу тоа што ќе се случува во новата сезона. Според него календарот е пренатрупан и тешко ќе може да се одиграат сите средби кои се предвидени бидејќи ќе нема доволно одмор за ракометарите.

Тој смета дека ќе мора добро да се подготват доколку сакаат да успеат да издржат, но и дека ќе биде лудо во новата сезона да се одигра сè што е во планот.

„Според она што е планирано за новата сезона ќе биде навистина тешко да ги одиграме сите натпревари кои се предвидени за шампионатот кој следува. Не ми е јасно како ќе можеме да одиграме сè, дали ќе има простор за да го одиграме Ф4 турнирот во декември бидејќи ќе има и натпревари на репрезентациите, а ќе треба ракометарите да имаат и одмор. Никој не може да даде гаранција дека ќе биде така како што е предвидено бидејќи коронавирусот веќе одложи и помести многу натпреварувања. Во прашање на календарите не можеме да сториме ништо, а доколку истиот се развива според планираното тогаш ќе биде навистина лудо“, вели Пасквал во изјава за Олимпискиот комитет на Шпанија.

Тој смета дека играчите ќе мора да минат посериозни тестови за да се добијат резултати со кои ќе се има точен наод какво влијание коронавирусот имал над играчите.

„Ние ќе ги тестираме сите ракометари за физичка подготвеност, но пред сè ќе ги тестираме за да откриеме како коронавирусот влијаеше над нив. Се надевам на добри резултати и дека ќе можеме комплетни да ги почнеме тренинзите“, изјавува Пасквал.

Барселона во новата сезона стартува на 2 септември во Асобал лигата, на 16 септември во Лигата на шампионите, а во декември ја очекува Ф4 турнир во Лигата на шампионите за сезоната 2019/2020.