Парондо се враќа на клупскиот ракомет, тој е новиот тренер на Мелсунген?!

Поранешниот тренер на Вардар кој го однесе до втората титула европски шампион и сегашен селектор на Египет, Роберто Гарсија Парондо е на чекор да го преземе бундеслигашот Мелсунген според информациите на Handball leaks.

Лошиот старт на сезоната на Мелсунген беше причина клубот да му врачи отказ на Гудмур Гуднундсон, но амбициозниот тим од Германија многу веројатно ќе го ангажира шпанскиот стратег.

Парондо има договор до Египет и треба да ја предводи репрезентацијата на првенството на Африка кое ќе се игра во јануари 2022 година во Мароко. Сè уште е неизвесно дали Парондо ќе го напушти Египет или ќе биде и тренер и селектор.

Роберто Парондо откако го напушти Вардар во 2019 година после освојувањето на европската круна го презема Египет. Претходно тој работеше и во ЖРК Вардар, а беше и помошник на Раул Гонзалес во репрезентацијата на Македонија.