Germany vs Egypt, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Stockholm, 27.01.2023, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Парондо раскина со Египет!

Ракометната федерација на Египет соопшти дека Роберто Гарсија Парондо не е повеќе селектор на машката сениорска репрезентација, откако двете страни не постигнале нова соработка.

Договорот на екс тренерот на Вардар заврши по крајот на Мундијалот во Полска и Шведска, на кое селекцијата на Египет заврши на 7. позиција.

Челниците од ракометната куќа на Египет со екс тренерот на Вардар биле во преговори, кои завршиле без успех, бидејќи искусниот стручњак од Шпанија не се согласил да го напушти кормилото на бундеслигашот Мелсунген.

Од Ракометната федерација на Египет посакуваа Парондо да биде ангажиран само на репрезентативно ниво, односно да нема клупски обврски, со цел да може повеќе да се посвети на египетската репрезентација, но тој не се согласил на такво нешто.

,,Договорот на Парондо истече по Светското првенство и соработката со него нема да биде продолжена. Минатата година се обидовме да го убедиме селекторот целосно да се фокусира на репрезентацијата, но тој инсистираше да биде тренер на Мелсунген и ,за жал со бундеслигашот го продолжи договорот до 2025 година, на само три недели пред Мундијалот. Решивме да не го продолжиме договорот, особено што нашата цел на Светското првенство беше пласман меѓу најдобрите четири репрезентации. Имаме цели за понатамошен развој, но нема да се остварат доколку немаме фокусиран селектор. Веќе почнавме да бараме нов странски селектор од висока класа“ изјави генералниот секретар на Египетската федерација, Амр Салах.

Роберто Гарсија Парондо кормилото на египетската репрезентација го презеде во текот на 2019 година. Најголемиот успех со Египет го постигна на Олимписките игри во Токио кога со неговите избраници стигнаа до полуфинале и завршија на четвртото место на најголемата спортска манифестација на светот.

Екс тренерот на Вардар со Египет испиша уште една убава страница во тренерска кариера, го збогати своето CV, a во остатокот од натпреварувачката сезона 2022/23 ќе може да му се посвети само на Мелсунген.