Палмарсон ќе игра, Манасков единствено лево крило во Веспрем, Тофт Хансен е позитивниот во ПСЖ!

Исландскиот репрезентативец Арон Палмарсон ќе биде во составот на Барселона за полуфиналето со ПСЖ, додека Дејан Манасков ќе биде единствено лево крило во Веспрем на пресметката со Кил.

По долго чекање, Европската ракометна федерација ги објави составите за двата полуфинални натпревари од завршниот турнир на Лигата на шампионите.

Тренерот Чави Пасквал ќе го има на располагање Арон Палмарсон, кој имаше повреда на коленото, а надвор од стројот останаа Јуре Доленец, Ханиел Лангаро и Мамаду Сако.

Во Веспрем ќе недостигаат левото крило Мануел Штрлек и левиот бек Патрик Лигетвари, па Дејан Манасков ќе мора да го изнесе товарот во текот на целиот натпревар.

Кај Кил, во ростерот нема да бидат Магнус Ландин и Павел Хорак, додека Дуњнак и Дамке, иако не се доволно опоравени, ќе му бидат на располагање на Филип Јиха.

Во францускиот ПСЖ, позитивен тест синоќа доби и пикерот од Данска, Хенрик Тофт Хансен, па Раул Гонзалес на таа позиција ќе ги има на располагање само Камил Шипжак и Лука Карабатиќ.

Нема да играат одамна повредениот Никола Карабатиќ, како и позитивниот на коронавирус, Лук Стеинс.

Средбата меѓу Барса и ПСЖ ќе стартува од 18:00, а ќе ја судат Хрватите Губица и Милошевиќ, наместо Ветервик и Куртагиќ од кои едниот е позитивен, додека дуелот меѓу Веспрем и Кил ќе започен од 20:30 часот во „Ланксес Арена“ во Келн.