Пак „кине“ мрежи: Талески погодува, Вардар победува (ФОТО+ВИДЕО)

Македонскиот шампион Вардар во рамки на вториот натпревар од СЕХА лигата во Скопје го пречека Нексе од Нашице. Двете екипи секогаш играле неизвесни натпревари, па затоа придонесот од сите ракометари секогаш е добредојден и ја прави разликата на терен.

Денес на висина на задачата беше и нападот на Вардар, а одличен натпревар одигра левиот бек Филип Талески. Македонскиот репрезентативец ја предводеше листата на стрелците во првото полувреме на натпреварот, а секој постигнат гол измамуваше аплаузи и овации од малубројната публика на трибините, желни Вардар да го врати ракометниот жар.

Популарниот „Тале“ покажа дека не е сè така црно и полека но сигурно ја враќа довербата и онаа препознатлива игра што му обезбеди место во редовите на тогаш актуелниот европски првак.