Падна договор: Вардар и сезонава ќе игра во „Јане Сандански“

Ракометарите на сè уште актуелниот европски шампион Вардар нема да „мрдаат од домот“ во кој ги играа своите натпревари како домаќини од 2014 година. Арената „Јане Сандански“ останува и понатаму местото каде што тимот на Вардар ќе ги игра своите натпревари.

Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски имал состанок со одговорните лица во салата и веќе е постигнат договор. Според тој договор сите екипи на актуелниот шампион на Европа ќе тренираат во салата каде што беше постигнати најголемите успеси на клупски план во македонскиот ракомет. Сениорите тука ќе ги играат и натпреварите од СЕХА лигата и ЕХФ лигата на шампионите.

Ова е салата каде што Вардар ја биеше битката за пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Трипати успеа по ред да се избори за место во Келн преку четврт-финалните битки, а во две од нив „црвено-црните“ беа освојувачи на трофејот. Во 2018 година салата беше и организатор на завршниот турнир во СЕХА лигата. Вардар на овој турнир дојде до трофејот во ова натпреварување каде што е рекордер со пет титули.

Вардар се уште работи на создавање на тим со кој ќе биде конкурентен во ЛШ, и се работи на договарање на засилувања на позициите среден бек и десен бек.