Охриѓани очекуваат триумф против Тиквеш: Имаме компактна екипа, се надеваме на добар натпревар

Тимот на Охрид засилен пред стартот на новата сезона, в четврток ќе го пречека составот на Тиквеш во првото коло од Суперлигата.

Раде Стојановиќ го засили ростерот со голманот Мартин Божиновски, кој лани беше дел од Вардар Неготино, потоа десниот бек Алекса Милошевиќ, пикерот Филип Грубор, десното крило Мице Шилегов, како и плејмејкерот Стефан Додиќ.

„Со доаѓањето на Стефан Додиќ јас сум задоволен како тренер, а мислам и управата. И останатите се исто така млади, но искусни некои биле и интернационалци и тој квалитет треба да го покажеме на терен. Сигурен сум дека имаме една млада и компактна екипа“, изјави Стојановиќ.

Капитенот Крсте Андоновски очекува триумф во првиот натпревар на домашен терен против кавадарчани.

„Ја пречекуваме екипата на Тиквеш, екипа која се засили оваа сезона и е еден респектибилен ривал. За време на подготвителниот период одигравме еден пријателски натпревар и успеавме да славиме победа. В четврток се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и повторно ќе се радуваме на победа“, изјави капитенот Андоновски.

Натпреварот меѓу Охрид и Тиквеш се игра в четврток во СРЦ „Билјанини Извор“ со почеток во 18:30 часот.