Охрид со ново засилување – потпиша српски десен бек

Раководството на Охрид напорно работи во формирањето на ростерот пред стартот на новата сезона во која амбициите ќе бидат поголеми.

Како што најави 24Ракомет, нов десен бек во составот на Охрид ќе биде српскиот интернационалец Никола Грубиќ.

Тој потпиша договор на две сезони, а доаѓа од Дубочица Лесковац. Претходно настапуваше и за Партизан.

„Среќен сум што ќе бидам дел од клуб каков што е Охрид. Благодарам на управата за укажаната доверба и се радувам на новите предизвици. Нека ни е со среќа и да оствариме што подобар пласман и излез во Европа“, изјави Грубиќ.

Претходно тимот го промовираше тренерот Горан Андоновски, ги продолжи договорите со Крсте Андоновски, Наум Костов, Иван Тасески и Кристијан Димитриески, а ги промовира новите засилувања Тоше Ончев, Даниел Андоновски, Зураб Цинцадзе, Хазеин Рустамов и Владимир Бојаниќ.