Охрид го совлада Пролет и останува во игра за излез на европска сцена

Ракометарите на Охрид пред домашната публика во СРЦ „Билјанини Извори“ го совладаа Пролет со 28:19 и останаа во игра за излез на европска сцена. Охрид првиот удар го зададе кон финишот од првиот дел кога се одлепи на три гола разлика, потоа вториот удар, оној вреден за победа, беше направен во второто полувреме кога од 12:8 се одлепи на 16:8 и во тој момент ја завери посакуваната победа.

На табелата Охрид има 15 бода, додека Тиквеш, кој се наоѓа на 4. позиција, со денешната победа над Еурофарм Пелистер 2 го зголеми бодовното салдо и има 17 бода.

Тимот на Андоновски во последните две кола ќе игра против Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје, додека Тиквеш против првиот тим од Битола и Вардар.

Охрид предводен од Шешиќ и Бојаниќ во првиот дел беше подобриот ривал во полето, иако на моменти Пролет покажа „заби“, сепак, поголемата ротација на домаќините беше пресудна за победата. Пролет поведе само на стартот со 1:0, потоа Охрид го презеде водството во свои раце и до 20-та минута водеше со еден до два гола разлика.

Пролет во три наврати го изедначуваше резултатот (5:5, 6:6, 7:7) и во последните десет минути од првиот дел дозволи Охрид да има целосна контрола на играта. Ракометарите на Андоновски од 7:7 стигнаа до ,,плус три” поведоа со 10:7, ја подобрија одбраната и ефикасноста и на полувреме заминаа со резултатска предност од 12:8.

Домаќинот за само пет-шест минути игра постигна четири гола во низа и во 35-та минута дојде до поубедлива предност, која беше изразена со осум гола разлика, 16:8. Гостите од Скопје првиот гол во второто полувреме го постигнаа дури во 38-та минута од пенал, реализатор беше Палевски и до крајот останаа без сили за било какво надигрување.

Во 45-та минута резултатот беше 19:12 во корист за домашниот табор. Охрид започна  да оди на двоцифрена разлика, зголеми на 23:13 и целосни ги искористуваше грешките на ривалот, кој не можеше да ја преполови негативата.

Најефикасен во победничката екипа беше Дејан Шешиќ со шест погодоци, по пет постигнаа Даниел Андоноски и Владимир Бојаниќ. Кај Пролет најефикасен беше Ласко Андоновски со пет погодоци.