ОФИЦИЈАЛНО: Александар Јовиќ ќе го води Еурофарм Пелистер 2

Единствен клуб со две екипи во суперлигашкото друштво следната сезона ќе биде Еурофарм Пелистер. Во вториот тим на битолскиот клуб промени имаше на тренерската клупа. На местото на Александар Зарков и Михајло Силјанов, дојде поранешниот стратег на Металург 2 и на Металург, Александар Јовиќ.

Она што прв го најави 24Ракомет уште пред два и пол месеци, денеска беше официјализирано од страна на битолскиот клуб. Некогашното десно крило во репрезентацијата на Македонија на располагање ќе ги има најдобрите млади играчи од Битола дополнети со квалитетни ракометари на слична возраст од други клубови од нашата држава. Дел од нив во Еурофарм Пелистер 2 би требало да „созреат“ и да бидат носители во првиот тим на Еурофарм Пелистер.

Во Битола од поодамна нема излезено некој екстра квалитетен млад ракометар, па челниците на Еурофарм Пелистер, сметаат дека Јовиќ, кој има искуство и во ЛШ и во СЕХА и во работа со млади категории, е вистинскиот човек за предводник на нивниот втор тим. Клубот ќе биде поврзан со младинските школи каде координатор е Стефче Стефановски, а каде работат Александар Зарков, Игор Николовски, Фарук Мемиќ, Александар Марковски и Кире Поповски, и од таму да се црпи идниот играчки кадар.

Во тимот останаа капитенот Васко Димитровски и искусниот Стефан Дрогришки, а тука се и Талевски, Ивановски, Петровски…Дојдоа десното крило Никола Стоилевски, левото крило Цветан Кузманоски, пикерот Филип Арсеновски, како и уште тројца ракометари од тимот на Алушовски.