Познат македонски тренер седнува на клупата на Еурофарм Пелистер 2!

Единствен клуб со две екипи во суперлигашкото друштво следната сезона ќе биде Еурофарм Пелистер. Во вториот тим на битолскиот клуб промени ќе има на тренерската клупа.

На местото на досегашните предводници Александар Зарков и Михајло Силјанов, би требало да дојде поранешниот стратег на Металург 2 и на Металург, Александар Јовиќ.

Некогашното десно крило во репрезентацијата на Македонија на располагање би требало да ги има најдобрите млади играчи од Битола дополнети со квалитетни ракометари на слична возраст од други клубови од нашата држава. Веќе се разговара со помлади играчи кои токму во Пелистер 2 би требало да „созреат“ и да бидат носители во првиот тим на Еурофарм Пелистер.

Во Битола од поодамна нема излезено некој екстра квалитетен млад ракометар, па челниците на Еурофарм Пелистер, сметаат дека Јовиќ, кој има искуство и во ЛШ и во СЕХА и во работа со млади категории, е вистинскиот човек за предводник на нивниот втор тим. Наскоро би требало да стигне и официјална потврда за назначувањето на Јовиќ. Клубот би требало да биде поврзан со младинските школи каде работат Игор Николовски, Фарук Мемиќ, Александар Марковски и Кире Поповски, и од таму да се црпи идниот играчки кадар.

Засега е сигурно дека од ланскиот состав во Еурофарм Пелистер 2 нема да продолжат Васко Димитровски и Игор Трајковски, додека наскоро треба да биде решена иднината на Стефан Талевски, Филип Ивановски и Стефан Дрогришки.