Откриено кој играч од Веспрем имал коронавирус: Полицијата нè будеше два пати, ни ставија црвен знак на вратата…

Ракометарите на Веспрем беа меѓу првите спортисти кои се тестираа на коронавирус, но тогаш сите тестови беа негативни.

Сепак еден од нив, Словенецот Драган Гајиќ, бил позитивен на вирусот заедно со неговата сопруга и децата.

„За среќа, ние немавме никакви симптоми, ни кажаа дека веројатно сме асимптоматски носители. Веројатно ќе беше многу полошо доколку имавме симптоми. Некои од нашите соседи ја разбираа нашата ситуација. Некои беа исплашени, што е нормално, а дел од нив ни купуваа храна од маркет. Ист случај беше и со моите соиграчи, бидејќи трениравме неколку дена претходно заедно“, вели Гајиќ за словенечкиот „Свет“.

Словенечкото десно крило откри дека имале и непријатни искуства со унгарската полиција.

„Два пати не будеа среде ноќ и еднаш бараа мојата сопруга да се појави на прозорецот, а вториот пат побараа јас да излезам надвор. Истото го побараа и од децата, па морам да признаам дека беше како на филм, малку страшно. Ни ставија црвен знак на вратата, па секој знаеше дека сме позитивни на коронавирус. По осум дена направивме уште по два теста и бевме негативни, па брзо го завршивме карантинот“, заврши Гајиќ.

Toј по четири години во унгарскиот тим се враќа во Франција и ќе биде член на новакот во елитната лига, Лимож.