Откако имаше 27 одбрани на меч: Во Финска брзо се расчу за Македонецот Анѓеловски

Ракометна Македонија во оваа сезона е побогата со уште еден интернационалец на финско тло. Младиот и надежен голман, Јоаким Анѓеловски во новата сезона настапува за шампионот од Финска, Кокс, екипа кој современо беше учесник во Лигата на шампионите, а сега се натпреварува во Лига на Европа.

Сонот на Анѓеловски да направи интернационална кариера станува јаве на 14-ти април кога официјално е промовиран како ново засилување во финскиот клуб, но до неговата интернационална кариера, младиот голман се соочува со тешка работа за да ја постигне зацртаната цел, онаа за која што сонувал и која ја остварил.

Својата кариера ја започнува во школата на Илинден кај тренерите, Александра Кузмановска и брачниот пар, Александра и Дарко Јаневи. Барајќи начин да го истакне својот талент решава да побара шанса во Вардар, успешно ги поминува пробите и станува дел од големиот број на млади ракометари на „црвено-црните“ под скопското кале.

Македонскиот шампион при голема финансиска моќ пред неколку години успешно водеше кампања „Една љубов – еден живот”, собираше млади и талентирани ракометари од цела Македонија и им даваше шанса да се докажуваат во младинските категории на Вардар Јуниор лигата, како и на турнирите под наслов „Една љубов – еден живот”. 21-годишниот ракометар со своите голмански способности кои ги прикажуваше од натпревар во натпревар во младинските тимови на Вардар, добива повик за настап во екипата на Вардар Јуниор која се натпреваруваше во Суперлигата во Македонија.

„Прв тренер со кој најмногу работев беше Пепи Манасков кој има голема заслуга за мојот развој во кариерата, со него работев пет години. Во Вардар Јуниор бевме квалитетна и колективна екипа која беше составена од млади играчи, а воедно најмлада екипа која се натпреваруваше во домашниот шампионат. Напорната работа на секој тренинг, голманските тренинзи со Александар Царчев и настапите во Суперлига ми помогнаа да стекнам повеќе самодоверба и искуство“.

Голманот од Скопје како и секој млад ракометар имал голема желба да направи интернационална кариера. Низ годините на негова адреса пристигнуваат понуди да се докажува низ Европа, поголемиот број од понудите биле од скандинавските земји. Сепак, Анѓеловски трпеливо ја чека вистинската понуда, таа пристигнува од Финска и решава да ја прифати.

„Веќе неколку години имав зацртано во мојата глава кариерата да ја продолжам надвор од Македонија, мислев дека тоа е вистински чекор за да напредувам во мојата кариера, чекор во кој сѐ уверив. Во последните три години на крајот од секоја сезона имав повеќе интернационални понуди, голем дел од нив беа од скандинавските земји, но годинава се случи првпат да заиграм во странство“.

Неговиот нов клуб ги поседува сите услови за градење на една интернационална кариера. Анѓеловски со комуникацијата во Кокс нема никакви проблеми бидејќи перфектно знае англиски.

„Бев изненаден, особено за условите кои клубот им ги нуди на сите играчи. Клубот ги поседува сите услови за еден играч да може да напредува и да го има она што му е потребно и неопходно во секое време. Затоа сме најдобриот ракометен клуб во Финска“.

Македонецот истакнува дека првенството во Финска е слично како најквалитетното натпреварување во Македонија. Таму последните неколку сезони започна на големо да се вложува во ракометот. Самите амбиции на клубовите од Финска кои се натпреваруваат на меѓународна сцена ги потврдуваат големите аспирации на финскиот ракомет во целина. Големиот број на тренинзи, колективни и индивидуални, неколку натпревари во неделата во домашниот шампионат и натпревар во Лига на Европа се вистинска шанса за поголемо искуство на Анѓеловски.

„Првенството во Финска е на ниво како нашето првенство во Македонија. Топ три екипи моментално се Кокс, БК-46 и Дикен. Но, секоја екипа и од оние пониско рангирани поседуваат млади талентирани играчи кои имаат понуди од врвни клубови, сепак, остануваат во Финска поради студирање и добра заработка. Во Кокс, тројцата голмани имаме индивидуални голмански тренинзи, нормално освен колективните, тоа ја одржува нашата форма. Со овој трансфер многу работи се сменија на подобро, пред се добивам на искуство, секоја недела имаме по два до три натпревари, плус натпревар во Лига на Европа, тоа е одлично“.

Поранешниот голман на Илиндин, Вардар Јуниор и Работнички на почетокот имал потешкотии при неговата адаптација во Рихимаки. Со новата скандинавска клима и начинот на живот во Финска полека се навикнува и за брзо време го совладува новиот културен шок.

„Монотоно е малку, во лето ноќта трае околу три до четири часа, а преку зима околу 20 часа. Малку беше тешко да се адаптирам на такви промени. Луѓето се едноставни, едноставен живот без стрес и нервоза, тоа многу ми се допадна. Градот е мал, сите знаат за клубот и одат да гледаат натпревари. Убаво е чуството кога низ градот ќе те сретне непозната личност и ќе те поздрави или фотографира бидејќи локалното население навистина ги цени сите спортисти. Слободно време речиси и да немам, ако имам слободно време тоа се случува да биде во недела. Секој ден имаме по два тренинзи и за викенд често се случува да имаме по два натпревари“.

Неговиот блесок беше забележан во натпревар од шампионатот на Финска со вкупно 27 интервенции. Одличната партија на Јоаким беше насловна вест во сите спортски и дневни весници во Рихимаки и пошироко. Добрите партии на младиот голман се сигнал за негов репрезентативен повик или шанса на поширок список. За домашните натпревари на Кокс и неговите настапи во Лига на Европа, Анѓеловски се надева дека ќе ја задржат двојната титула во домашното првенство и ќе одат на изненадување на меѓународно сцена.

„Тоа беше одличен натпревар кој ќе го паметам. 27 интервенции не се сеќавам кога сум имал за последен пат. Убав беше филингот кога веста за мене беше објавена во повеќе дневни весници во Финска. Репрезентативен повик искрено очекувам, тоа е сон на секој спортист, се надевам дека ќе се оствари за брзо време. Целта во оваа сезона е да бидеме прваци во Финска, исто така да го освоиме домашниот Куп. Лига на Европа е голем предизвик за нас и покрај тешките противници, многу од нив се на ниво повеќе од нас, ние ќе се бориме да оствариме што подобар резултат и да изненадиме. Во Лига на шампионите, Кокс направи изненадување против Висла Плоцк, зошто и сега да не направиме вакво нешто“.