Отказ за Петковиќ во Фуксе Берлин: Кристопанс и колегите добија нов тренер

Поразот кој беше претрпен од екипата на Норхорн на домашен терен за тимот на Фуксе Берлин значеше и разделба со тренерот Велимир Петковиќ.

Ханинг и Кречмар не размислуваа многу и набрзина му врачија отказ на Петковиќ, а веднаш поставија нов стратег. Популарните „лисици“ до крајот на оваа сезона ќе бидат предводени од страна на Михаел Рот.

Тренерската позиција во Фуксе Берлин се нишаше веќе некое време бидејќи резултатите не беа според предвиденото. Инаку, тоа е тимот каде што има дури тројца играчи кои го носеа дресот на Вардар. Последен кој пристигна е Кристопанс, а претходно таму беа Марсениќ и Милосављев, кој заздравува од оперативниот зафат на коленото.

Новиот тренер Михаел Рот е добро познат во Бундес лигата бидејќи тој беше стратегот кој го водеше осум години тимот на Мелсунген.