Опасна Данска – и без ѕвездите ја среди Норвешка среде Трондхајм

Репрезентацијата на Данска ја совлада Норвешка со 31:28 во првиот натпревар од Златната лига на гостински терен иако Данците беа без најдобрите ракометари во составот на овој меч.

Николај Јакобсен на овој натпревар во својот состав ги немаше Микел Хансен, Никлас Ландин, Менса Ларсен, Ласе Сван, Хенрик Тофт Хансен и Хенрик Мелгард, но затоа остнаатите репрезентативци беа расположени за игра и обезбедија триумф.

После почетното водство од 1:0 на Норвешка, до крај на првиот дел Данска го контролираше резултатот. После првите 30 минути Данците имаа предност од 14:13. Во продолжението гостите не дозволија Норвешка да се врати во игра и сигурно го приведоа натпреварот до крај за конечен триумф.

Најзаслужни за победата на Данска беа Емил Јакобсен со седум погодоци, а исто така Јаник Грин имаше одлично издание на голманската позиција. Сандер Сагосен беше најефикасен на натпреварот со 11 гола, но и тоа не помогна неговата репреентација да избегне пораз. Следните натпервари во Златната лига се играат во сабота и недела.

Данска е противник на Македонија во групата А на Европското првенство, а уште ривали се Словенија и Црна Гора.